Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд која го одржа завршниот состанок во Министерството за финансии, оценува дека е исправно што Предлог-буџетот за 2019 година е фокусиран на оддржливоста на пензискиот систем, промовирањето на социјалната еднаквост и поддршката на вработеноста.

ММФ, како што наведуваат во соопштението, оценува дека предложените пензиски реформи ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок. Според прелиминарните оценки на ММФ, овие мерки, заедно со поддршката за вработеноста и инвестициите, ќе резултираат со привремено зголемување на фискалниот дефицит на 3 отсто од БДП во 2019 година, и потоа негово намалување на 2,4 отсто од БДП на среден рок.

Според ММФ, со цел долгорочна одржливост на пензискиот систем, потребно е да се разгледаат дополнителни мерки како порестриктивни услови за предвремено пензионирање и зголемување на возраста за пензионирање.

ММФ, исто така нотира дека, со цел подобрување на покриеноста и таргетирањето на социјалната помош, буџетот предвидува консолидација и замена на постоечките видови помош, вклучувајќи го и додатокот за трето дете, со гарантиран минимален доход базиран на потребите и со социјална пензија. Понатаму, според мисијата, предложените пензиски реформи ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок.

Мисијата, стои во соопштението, смета дека промените во данокот на личен доход го зголемуваат данокот на доход од капитал и ја подобруваат рамнотежата на даночниот товар меѓу лицата со висок и низок доход.

ММФ препорачува постигнување нула примарен дефицит на среден рок со цел постигнување јасна надолна тракеторија на јавниот долг. За ММФ охрабрувачки се и треба да продолжат неодамнешните реформи за зајакнување на управувањето со јавните финансии и подобрување на фискалната транспарентност. Исто така, се наведува дека мерките за зајакнување на рамката за мониторирање на неплатените обврски во јавниот сектор и предложените измени што ги поврзуваат општинските буџети со реализацијата на приходите се чекори во правилна насока.

Според основната проекција, јавниот долг ќе го достигне максимумот од 54,7 отсто од БДП во 2021 година.

Во Завршното соопштение на тимот на ММФ се наведува дека враќањето на политичката стабилност и напредокот кон решавањето на проблемот со името значително ги подобриле перспективите за отварање на преговорите за членство во ЕУ, повеќе од 12 години после добивањето на кандидатскиот статус. За да се искористи оваа можност и да се осигура посветла иднина преку повисока продуктивност и побрза конвергенција на доходот, клучни се структурните реформи за надминување на долго-постоечките слабости на пазарот на труд, правосудството и јавната администрација.

Реалниот БДП во 2018 година е проектиран на два отсто, при поволни макроекономски услови, односно ниска инфлација, опаѓачки дефицит на тековната сметка и позитивни трендови на девизниот пазар. Со опоравувањето на инвестициите, се очекува забрзување на растот на БДП на 2,8 отсто во 2019 година и понатамошно интензивирање на 3,5 отсто на среден рок, во услови на инфраструктурни вложувања и силен извоз.

Според ММФ, во минатата деценија ослабнале јавните финансии, што го ограничува просторот за справуање со шокови. Поточно, постојаните примарни дефицити, водени од опаѓачките даночни приходи и растечките тековни расходи, резултирале со удвоен јавен долг во претходната деценија. Во 2018 година, се очекува дека буџетскиот дефицит ќе изнесува 2,6 отсто од БДП, а јавниот долг 50,5 отсто од БДП.

Мисија на Меѓународен монетарен фонд беше во годишен преглед на македонската економија од 8-ми овој месец. Целта на посетата беше спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија.