И покрај опомени и закани за казни, уште 258 фирми не исплатиле плата на работниците за еден или повеќе месеци, иако зеле државна помош. Тие се соочија со блокирани сметки, а УЈП најави и кривични пријави. Според директорката на УЈП Сања Лукаревска контролите и јавното објавување на имињата на фирмите кои ја злоупотребија мерката вродиле со плод, па бројот на неплаќачи почнал да опаѓа.

Имаме драстично намалување на бројот на фирми кои не исплатиле. Уште 258 останаа кои не исплатиле плата за сите 6 месеци. 226 од овие 258 не исплатиле за 1 месец, 26 не исплатиле за 2 месеци и 6 компании немаат исплатено за 3 месеци.“ изјави Сања Лукаревска, директор на УЈП

За оние 306 фирми, кои не ја исплатиле декемвриската плата во тек е присилна наплата. Лукаревска вели дека контролите ќе продолжат, а се прибираат и уште докази кои ќе бидат доставени во Јавното обвинителство.

Ќе си продолжиме со координираните контроли со Државниот инспекторат за труд и исто така ќе доставиме и соодветни прибелешки односно нови факти, нови докази кај ОЈО за понатамошно постапување.“ истакна Сања Лукаревска, директор на УЈП

Мерката за финансиска помош за исплата на плати се применуваше за месеците април, мај, јуни и последните три месеци минатата година. И покрај отворената можност оваа мерка повеќе да не се применува, сепак ќе им биде на располагање на компаниите и во петтиот пакет економски мерки. Според најавите, работодавачите ќе имаат право на избор помеѓу помошта за исплата на плати и безкаматни кредити. Петтиот пакет се очекува да биде објавен наредната недела.