Нашето грозје е со висок квалитет, нашите вина се надалеку познати по богатството на вкусови и ароми. Ова го истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа во Кавадарци, каде со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев закроија винова лоза во чест на празникот „Свети Трифун”, кој се смета за заштитник на лозарите и винарите.

Хоџа информираше дека извозот на вино последните години бележи постојан пораст.

Повеќе години наназад, виното е трет производ по вредност во извозот, зад тутунот и пекарските производи. Ова само го потврдува неговото значење за вкупната домашна економија, нагласи министерот.

Тој рече дека минатата година беше најтешката година за винската индустрија кај нас и во светот.

Пандемијата ја наруши трговијата со флаширано и наливно вино. Нашите винарници се соочија со вишок на вино, а лозарите немаа каде да го предадат грозјето. За маката да биде уште поголема, грозјето од ланската реколта беше со послаб квалитет. Во такви услови, Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја покажа на дело својата вистинска грижа и за лозарите и за винарниците. Успеавме да најдеме заедничко решение, донесовме интервентни мерки и успешно ја надминавме кризата, рече Хоца.

Тој потсети дека за таа цел, Владата го усвои Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците од Ковид-19. Според тој закон, тој информираше дека беа исплатени 6.3 милиони евра, а треба да се доисплатат уште 12 до 14 милиони денари, кои ќе бидат обезбедени со петтиот сет економски мерки.