Македонско-бугарските преговарачки тимови за набавката на струја не постигнаа договор на првата средба. Спорна излезе цената. Бугарската страна бара повеќе од таа, што ја очекуваше и нуди македонската. Претстои нова средба и нови надежи дека работите ќе тргнат на подобро.

А, токму договорот меѓу двајцата премиери Димитар Ковачевски и Галаб Донев зрачеше со оптимизам. И во бугарските медиуми струјата веднаш се најде во низата нешта со кои Бугарија и помогнала на Република Македонија, во истата таа низа, што започна со првото признавање на независноста и самостојноста на нашата држава, па давањето оружје за време на конфликтот во 2001 година… Впрочем, договорот практично требаше да покаже како треба да функционираат и соработуваат први соседи, особено во време на кризи, што ги мачат двете држави.

Можеби најилустративно тоа беше претставено во текст на бугарската редакција на Дојче веле во кој, меѓу другото, покрај многуте фалби, стоеше и тоа дека доставувањето на електрична енергија од страна на Бугарија на Република Македонија треба да ја одоброволи опозициската ВМРО-ДПМНЕ околу вметнувањето на македонските Бугари во Уставот. Иако, нормално, не станува збор за некаков подарок, туку за струја, што Македонија ќе си ја плати.

Но, како што обично бидува, во македонско-бугарската соработка дојде до репетиција. Се повтори истата слика како со помошта со вакцините за Ковид-19. Бугарија и вети на Македонија 50.000 вакцини и тоа откако десетици илјади граѓани на Македонија веќе се вакцинираа во Врање или други српски градови и српскиот претседател Александар Вучиќ на мала свеченост му предаде на Табановце на тогашниот премиер Зоран Заев извесна количина.

Следејќи го примерот на Србија и на Вучиќ, Бугарија, преку тогашниот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, отворено лажеше дека на Македонија веќе и предала 50.000 вакцини! А, филантропот Милан Врабевски ги повика македонските граѓани бесплатно да се вакцинираат со „фајзер“ во неговата болница во Софија.

Двата чекора се покажаа како јалови. Бугарија и ги предаде на Македонија вакцините со задоцнување од неколку месеци, па поради изминатиот рок на употребливост и незаинтересираноста на граѓаните за вакцинирање, македонските здравствени власти беа принудени да уништат добар дел од бугарските вакцини.

Струјата, сепак, не е вакцина, ниту Врабевски се занимава со трговија со електрична енергија. Добри соседи мораат да соработуваат и да најдат заеднички јазик, без лажни ветувања и без никакви уцени.