Министерот за финансии Драган Тевдовски не очекува дека ќе биде сменет, по најавите на премиерот Заев за „метлата“, а и по информациите кои се појавија  во јавноста дека првиот финансиер е на списокот за смена.

Наспроти ваквите информации, Тевдовски вели дека во досегашното негово министерување бил целосно посветен на реформите – успеале да го стават долгот под контрола и ја подобриле фискалната транспарентност. Тој додаде дека е задоволен и од работата на директорите во управите кои се под Министерството за финансии.

Успешно ги завршивме даночната, пензиската и социјалната реформа, обезбедивме висока фискална транспарентност, која е препознаена од меѓународните институции, го подобривме системот на јавни набавки, а ги поддржавме и општините. Сѐ на сѐ задоволен сум што реформите што ги направивме не се ад хок – рече Тевдовски.

Тевдовски го прокоментира и заминувањето на неговиот советник Бранимир Јовановиќ.

 Ние како Министерство сме договорени да не ги спречуваме луѓето кои сакаат поинаку да ја развиваат својата кариера. Му благодарам на Јовановиќ за соработката и заслугите кои што ги даде во однос на даночната реформа, минималната плата и социјалните реформи – рече Тевдовски.

Тој, како што рече, ќе остане и натаму добар пријател со Јовановиќ.