Граѓаните, компаниите и стопанството немаат време за чекање. Економијата и бизнис секторот немаат време за политички сплетки и политиканство. Помошта е потребна веднаш, без одлагање, изјави денеска координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Од тие причини, како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш, од оваа говорница бараме од СДСМ, Зоран Заев и владејачкото мнозинство веднаш да закажат итна пленарна седница на која што заедно ќе ги разгледаме и едногласно ќе ги изгласаме законите од таканаречениот петти пакет мерки поврзани со финансиската помош за граѓаните и компаниите. Во овој момент, на оваа прес конференција позади мене се присутни сите пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата кои се подготвени да бидат присутни и да дадат целосна поддршка за овие закони доколку власта конечно се вразуми и одважи да ја закаже седницата, нагласи Мицевски.

Тој апелираше уште еднаш, да престанат политичките игри, пазарења и тактизирања врз грбот на граѓаните и стопанството.

Веднаш уште денес да се закаже итна пленарна седница на која што ќе ги изгласаме законите од таканаречениот петти пакет на мерки за финансиска помош на граѓаните и стопанството. Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе бидеме присутни во Собранието. Сега на потег е власта, нагласи Мицевски.