Стопанската комора на Србија (ПКС), во соработка со Владата на Србија, ќе обезбеди 10.000 вакцини за бизнисмени и вработени од регионот, меѓу кои и од Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

Претседател на ПКС, Марко Чадеж, по средбата со министерката за здравство на Црна Гора, д-р Јелена Боровиниќ Бојиќ, изјави дека викендов во Белград ќе се организира вакцинација за бизнисмени и нивни вработени од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Албанија и Косово кои сакаат да се заштитат од Ковид19, соопштија од ПКС.

Ние сме еден регион, нашите економии се тесно поврзани и само заедно можеме да ја победиме оваа болест. ПКС досега организираше вакцинирање на голем број бизнисмени и работници, а сега сакаме да им помогнеме на нашите соседи да успеат да ги зачуваат своите економии, бидејќи само на овој начин целиот регион може да оди напред, изјави Чадеж, кој исто така е и претседател на УО на Коморискиот инвестициски форум за Западен Балкан.

Чадеж кажа дека постапката за имунизација на бизнисмените од регионот е крајно едноставна.

Потребно е само компаниите од регионот да контактираат со своите стопански комори, кои во координација со Српската стопанска комора ќе организираат вакцинација во Белград, изјави Чадеж.

Црногорската министерка д-р Јелена Боровиниќ Бојиќ му се заблагодари на Чадеж за организирањето на имунизацијата на стопанствениците во регионот. Таа ги повика бизнисмените во Црна Гора, особено угостителите поради претстојната туристичка сезона, да контактираат со Стопанската комора на Црна Гора со цел да организираат вакцинација.

Како што дознава МИА, Стопанската комора на Македонија во рамки на Коморскиот инвестициски форум и воспоставената соработка со Стопанската комора на Србија, обезбедила можност за вакцинирање на претставници од компаниите-членови на органите и телата на Комората, а бесплатното вакцинирање ќе биде во Ниш, на 27-28 март (сабота и недела) со вакцините на АстраЗенека.