На вкупно 6.240 лозари денеска им се исплатени дополнителни субвенции од еден денар за килограм предадено грозје во регистрирани винарски визби.

Како што соопшти министерот за земјоделство Трајан Димковски, за оваа намена на сметките на лозарите се префрлени вкупно 66,2 милиона денари.

Одговарајќи на новинарско прашање, Димковски рече дека засега останува интервентната мерка од еден денар за килограм, но откупот продолжува да се следи.

Ова е во договор со лозарите. Половина од откупот е веќе завршен и во овој  момент сметаме дека поддршката ќе може да покрие дел од трошоците. Очекуваме и винариите да направат извесни корекции во делот на шекерните единици иако, сепак, ние може само да разговараме, не и да наметнеме, истакна Димковски.

Според директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски до денеска заедно со дополнителниот еден денар за лозарите, на земјоделците им се исплатени 306,7 милиони евра.

Бабовски воедно информира дека земјоделците досега со персонализираните картички за „зелена нафта“ наточиле гориво со вкупна вредност од над 30 милиони денари или околу половина милион евра.