Министерот за трговија и индустрија во Владата во оставка на Косово Ендрит Шаља денеска наложи забрана на увозот на компири и мед од Северна Македонија, како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увозот на риба за порибување од Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на Министерството се вели дека се работи за „преземање реципрочна мерка кон Северна Македонија“, како и дека Царината на Косово се обврзува мерката да почне да ја спроведува веднаш.
Министерот Шаља во изјава за порталот „Газета експрес“ порача дека „мерката стапува во сила денеска и ќе остане се додека органите во Северна Македонија не ја преразгледаат“ нивната одлука за увоз на риба за порибување од Косово.
Можам да потврдам дека денеска донесов одлука за воведување на мерката на реципроцитет за Северна Македонија. Јас му се обратив со официјално писмо на мојот македонски хомолог за да ја преразгледа одлуката за забрана на увозот на риба за порибување во Северна Македонија. Меѓутоа македонските власти тоа не го направија, така што ние сме принудени на тие мерки да одговориме со реципроцитет, изјави Шаља.
Comments are closed for this post.