Монетарната поставеност останува соодветна, а основната каматна стапка е задржана на нивото од 4,25%, при што Народната банка располага со сите потребни инструменти за да реагира доколку условите го наложат тоа. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостувањето во централниот дневник на „Македонската телевизија“, говорејќи за последната одлука на Извршниот одбор, девизните резерви, инфлацијата и економскиот раст.

„Народна банка ги носи одлуките врз основа на сериозна анализа на макроекономските состојби, ценејќи ги, во секој случај, состојбите во неизвесното окружување и слично“, посочи гувернерот.

Во однос на стабилноста на економијата и девизниот курс, Славески истакна дека девизните резерви се на ниво од околу 5,1 милијарда евра, што е приближно двојно повеќе од претпандемиското ниво во 2019 година. Тие се значаен инструмент за одржување на стабилноста на номиналниот девизен курс, при што Народната банка интервенира на девизниот пазар со продажба или откуп на девизи, зависно од состојбите на пазарот.

Како што посочи, растот на резервите е поткрепен со поволните движења во екстерниот сектор – извозот и увозот, странските директни инвестиции и портфолио-инвестициите. „Не само што се надомести она што беше потрошено за интервенции туку и девизните резерви значително пораснаа“, истакна Славески, додавајќи дека ваквите тенденции се важни за одржувањето на макроекономската стабилност.

Во однос на инфлацијата, последните податоци покажуваат умерени движења. Годишната инфлација изнесуваше 2,3% во јули, а во август 2,6%, што значи дека цените во август во однос на јули пораснаа за 0,4%. Според гувернерот, августовските податоци покажуваат релативно ограничен пренос на турбуленциите поврзани со движењата на цените на енергентите и суровата нафта врз домашните цени.

Славески нагласи дека Народната банка ја следи состојбата и дека доколку е неопходно, може да реагира со инструментите што ѝ стојат на располагање. Покрај основната каматна стапка, меѓу нив се и мерките на макропрудентната политика, насочени кон одржување на стабилноста на банкарскиот сектор и соодветно управување со задолженоста на приватниот сектор.

Гувернерот се осврна и на растот на македонската економија од 4,3% во вториот квартал, оценувајќи дека е позитивно што економијата бележи солиден раст и во услови на голема неизвесност во светската економија. Растот, како што посочи, пред сè е поттикнат од бруто-инвестициите, особено во инфраструктурата, но и од личната потрошувачка. Врз неа влијаат растот на расположливиот доход, платите и пензиите, како и зголеменото кредитирање на населението и на бизнисите.

„Добро е што и во услови на голема неизвесност во светската економија македонската економија бележи солиден раст“, истакна гувернерот.

Славески: Инстант-плаќањата ќе овозможат трансфери за неколку секунди, 24 часа во денот

Развојот на платните системи е еден од приоритетите на Народната банка, а воведувањето на инстант-плаќањата преку националната платформа, која претставува клон на европскиот систем ТИПС, ќе биде значаен чекор во модернизацијата на домашната платна инфраструктура. Ова го истакна гувернерот на Народната банка Трајко Славески во гостувањето во централниот дневник на „Македонската телевизија“.

„ТИПС-клонот е систем на инстант-плаќања каде што плаќањата ќе се извршуваат за неколку секунди, со релативно ниска цена и тоа 24 часа, не како што имаме ситуации по завршувањето на работното време да треба да очекувате наредниот ден или парите да стигнат на сметка за ден-два. Парите стигнуваат во истиот момент, 365 дена во годината“, посочи гувернерот.

Тој објасни дека во првата фаза инстант-плаќањата ќе се реализираат преку постојните канали на мобилното и електронското банкарство, што ќе овозможи побрзи и поедноставни трансфери на средства, независно од работното време на банките и од денот во неделата. Славески нагласи дека понатамошниот развој на инстант-плаќањата отвора можности и за нови форми на плаќање, како што се плаќања на продажни места, плаќања со кодовите за брз одговор (QR), како и трансфери преку користење број на мобилен телефон или електронска адреса, без дополнителни посредувања што ги зголемуваат трошоците.

Воведувањето на ТИПС-клонот е дел од пошироките активности на Народната банка за унапредување на платната инфраструктура, зголемување на ефикасноста на плаќањата и обезбедување современи, брзи и достапни платежни услуги за граѓаните и компаниите.

Воедно, гувернерот посочи дека оваа иницијатива има и европско значење. Северна Македонија е меѓу земјите од Западен Балкан на коишто им е понудено, уште пред членството во Европската Унија, да се приклучат кон системот за инстант-плаќања на Европската централна банка.

Говорејќи за активностите на Народната банка во областа на платните системи, гувернерот се осврна и на приклучувањето на земјата кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), реализирано на 7 октомври минатата година. Како резултат на оваа интеграција, околу 60% од вкупните прекугранични плаќања во евра во моментот се извршуваат преку СЕПА, што, како што истакна, придонесе за значително намалување на трошоците, односно провизиите за трансфер на средства за граѓаните и компаниите.