Албанија и Косово се рангирани на дното во Европа според бруто домашниот производ по глава на жител (БДП), објави Албаниан дејли њуз. Пренесувајќи го извештајот на ММФ за октомври, весникот наведува дека во октомври 2018 БДП во Албанија изнесувал 5.261 американски долари годишно. Со ова Албанија е рангирана на 102 место од 191 земја. Косово е најлошо пласирано од земјите од регионот – на 112 место со годишен БДП од 4.324 долари.

На врвот на балканските земји е Црна Гора со 8.644 долари и рангирана на 79 место, а потоа се Србија со 6.815 и Македонија со 5.953 долари.

Инаку, просечниот БДП за Европа изнесува 29.450 долари, додека за Источна Европа е 10.880 долари. Со највисок БДП се Австралија и Нов Зеланд – 54.220 долари, а потоа се Северна Америка со 47.750 и Западна Европа со 43.450 долари годишен БДП.

Најнизок БДП има Африка, кој се уште е под 2.000 долари.