СДСМ продолжува да удира по најсиромашните. Владата крати 6 милиони евра од Буџетот наменети за намалување на сиромаштијата, обвинија денеска од ВМРО ДПМНЕ.  Пратеничката Слаѓана Митовска изјави дека  Заев од опозиција ветуваше дека Буџетот треба да се троши за најсиромашните, а тој создаде лажна надеж кај луѓето и предизборно ги изманипулира. Ништо од тоа што ветуваше не реализира. Ниту има намера и визија како да го реализира, констатира Митовска. 

Овие кратењата се случуваат во период кога Република Македонија има над половина милион граѓани кои живеат во сиромаштија и едвај врзуваат крај со крај, или тоа се 21.9% од вкупното население во државата. СДСМ иако имаше можност година и половина не презема ниту една мерка за реално намалување на сиромаштијата, напротив во економијата продолжија да ги користат бенефитите кои беa спроведени од претходната владата на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително државата е на трето место во светот по младинска невработеност, истата изнесува над 50%, а пред нас се само Јужна Африка и Босна и Херцеговина, ова се официјални податоци на Светска банка. Извршувањето на капиталните инвестиции за девет месеци изнесува  само 24.7%, што е очајно најниско ниво на реализација од постоењето на државата до денес. Ова е показател на неработа и незнаење и во никој случај со ваков начин на работа не можеме да очекуваме нови работни места, изјави Митовска