Цената на нафтата денеска падна за 4 отсто. Ова следува по најавите за зголмување на американските резерви, прогнозираното рекордно производство на САД и Русија и драматичната распродажба на акциите на светските берзи.

Трет ден по ред цената на нафтата е во постојан пад, пренесува Ројтерс.

Американската „лесна“ нафта поефтини во еден момент за 2,04 долари или 4,1 отсто на минимум од 47,84 долари, што е најниско ниво од септември 2017, за подоцна да се нормализира на околу 48,10 долари за барел.

Цената на северноамериканската нафта од типот „брент“ падна за 2,41 долари или 4,5 отсто, на 57,20 долари, најниско ниво во 14 месеци, за нешто подоцна да се тргува за околу 57,61 долари.

Двата типа нафта загубија повеќе од 30 отсто од вредноста од почетокот на октомври заради растот на глобалните резерви.

Организацијата на земји извознички на нафта ОПЕК и останатите произведувачи на нафта месецов се договорија за намалување на производството за 1,2 милиони барели дневно, во обид да се зголеми цената на нафтата.

Меѓутоа, договореното нема да се реализира до следниот месец, а во меѓувреме производството беше рекордно или близу до тоа ниво во САД, Русија и Саудиска Арабија, што предизвика пад на цената на нафтата.

Руското производство на нафта достигна рекордни 11,42 милиони барели нафта дневно, овој месец, јавува Ројтерс повикувајќи се на податок од извор од нафтената индустрија.

Резервите во американската нафтена рафинерија Кушинг, во Оклахома, пораснаа за повеќе од милион барели од 11 до 14 декември, според податоците на компанијата „Генспејс“.

САД неодамна ја претрка Русија и Саудиска Арабија како најголем светски произведувач на нафта, земајќи во предвид дека вкупното производство порасна на рекордни 11,7 милиони барели нафта дневно.