Откако Уставниот суд го прогласи за незаконски државниот тим за преговори со Србија, најголемата косовска опозициска партија Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) побара од Владата на Рамуш Харадинај веднаш да поднесе оставка.
Шефот на пратеничката група на ЛДК, Авдулах Хоти изјави пред новинарите дека по одлуката на Уставниот суд членовите на тимот за преговори и Владата треба да поднесат оставка и да се организираат избори.
Според ЛДК, дијалогот со Белград не треба да го води ниту претседателот на државата Хашим Тачи, туку единствено една легитимна влада која ќе се формира по новите избори.
И втората најголема опозициска партија во косовското Собрание, Движењето Самоопределување (ВВ) смета дека актуелната Влада не е способна, додека претседателот Тачи не е надлежен да го претставува Косово во дијалогот со Србија.
Пратеничката на ВВ Албулена Хаџиу на прес-конференција изјави дека единственото решение за земјата се вонредните избори.
„Како што кажавме и кога бевме против законот за дијалогот, со тој закон се формира неуставен државен тим. Ние се противиме и на претседателот Тачи и на начинот на кој тој ги води преговорите со Србија. Во овие околности во кои имаме претседател кој неуставно го водеше дијалогот и премиер кој одбива да ги преземе своите надлежности, единствено решение е да се оди на вонредни избори, изјави Хаџиу.
Уставниот суд на Косово денеска, по барањето на 32 пратеника на ЛДК и ВВ за оценување на уставноста на Законот за задачите, одговорностите и надлежностите на тимот за преговори со Србија, одлучи дека тој тим е незаконски, затоа што му се дадени надлежности кои според Уставот им припаѓаат на други институции.
Државниот тим, кој го предводат лидерот на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и потпретседател на Владата, Фатмир Лимај и лидерот на Социјалдемократската партија (ПСД) и градоначалник на Приштина, Шпенд Ахмети, е формиран пред неколку месеци со одлука на Собранието на Косово.
Comments are closed for this post.