Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Џон Саливан, заменик државен секретар на Соединетите Американски Држави.
На средбата беа разменети мислења за тековните политички случувања во Република Македонија, за евроатлантските перспективи на земјата и за актуелните случувања во регионот.
Македонскиот претседател истакна дека европските и евроатлантските интеграции остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија.
Секогаш сум бил силен и гласен поддржувач на стратешките приоритети на Македонија, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и НАТО. Но, членството во ЕУ и НАТО не смее да се злоупотребува за прифаќање на договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, отколку што се затвораат, истакна на средбата претседателот Иванов.
Македонскиот претседател потенцираше дека Република Македонија останува стратешки партнер на САД и изрази благодарност за целокупната поддршка и помош во модернизацијата и едукацијата на Армијата на Република Македонија, со цел постигнување на НАТО стандардите.
Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелните предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан.
Comments are closed for this post.