ВМРО-ДПМНЕ не само што ќе даде поддршка на законските измени со кои ќе се ограничи цената на лекувањето од Ковид-19 во приватните болници, туку и ќе предложи рефундирање на средствата и на оние лица, кои досега се лекувале во нив, затоа што немало место во државните.

Ова денеска го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Стопанската Комора за Информатички Технологии – МАСИТ.

-Не само што ќе даде, туку и ќе предложи тоа да се прошири и на оние пациенти, кои и досега ги користеа услугите на приватните болници, односно доколку имаат соодветен доказ да го приложат и државата е должна на тие луѓе да им ги рефундира трошоците. Затоа што 14 месеци потоа, 4.000 починати луѓе, повеќе од 130.000 заболени луѓе и денеска им текнува дека треба да ги ограничат услугите во приватните болници. Тоа требаше на почеток да се случи. Но, кога веќе не се случи на почеток, дајте барем на овие да им помогнеме како држава и да им ги рефундираме трошоците што досега ги направија. Дајте на сите оние кои биле во приватните болници, бидејќи немало место во државните, да им ги рефундираме средствата. Ајде да видиме дали Венко и Зоран ќе го поддржат тоа, а ние ќе ги поддржиме измените, изјави Мицкоски.