Столбот на нашиот идентитет е нашиот јазик, а потоа историјата, нашата споделена историја, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Еуобсервер“.
Според Пендаровски, не е тајна дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година, но тоа е посебен јазик, сличен на бугарскиот, но „не е и не бил бугарски јазик“.
Кодификацијата се случи на крајот на Втората светска војна кога беше формирана Народна Република Македонија како дел од Југославија. Претходно територијата беше под власт на Бугарија, Србија, а во минатото од Отоманската империја. И покрај тоа, луѓето кои живееле таму секогаш имале свој етнички идентитет, вели Пендаровски.
За него историски нонсенс е тврдењето на Бугарија дека целата наша историја до 1945 година била бугарска и дека сѐ од 10 век до 1945 година било бугарско.
Тие велат дека етнички Македонци постојат…но дека едно утро во 1944 сме се разбудиле и сме рекле ‘Аха, ние сега навистина сме етнички Македонци, ама вчера бевме етнички Бугари‘. Тоа е апсолутна историска глупост, објаснува Пендаровски.
И, како што пишува Еуобсервер, не би било важно што мисли за ова прашање Бугарија, ако Софија не ги блокира пристапните преговори додека Северна Македонија формално не ги прифати нејзините ставови.
За бугарската позиција дека „македонски јазик и идентитет немало до 2 септември 1944 година и дека нивното создавање било дел од сеопфатно формирање на одделен небугарски идентитет со цел да се прекинат врски меѓу тамошното население и Бугарија“, Пендаровски вели дека „не може да прифатиме дискусија за ова прашање… тоа е лудо“.
Според бугарските барања, кога Македонија ќе се приклучи кон ЕУ, секое споменување на „македонски јазик“ во документите на Унијата треба да биде со ѕвездичка дека „таков јазик постои само според Уставот на Република Северна Македонија“. Освен тоа, Софија вели дека процесот на проширување не смее да легитимира етнички и јазичен инженеринг што се случил во време на претходно авторитарни режими.
Comments are closed for this post.