Европскиот совет денеска го именуваше министерот за надворешни работи на Шпанија, Жозеп Борел за нов шеф на европската дипломатија.

Како што пренесуваат европските медиуми, членките на Унијата официјално го именувале Борел за наследник на Федерика Могерини на функцијата висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Борел должноста ќе ја преземе на крајот на октомври, се наведува во соопштението на Европскиот совет.

Советот го именуваше Борел по одобрувањето од новоизбраната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

За да го обезбеди мандатот до крајот на октомври 2024 година, треба потврда од Европскиот парламент, заедно со сите членови на Европската комисија, наведуваат медиумите.

Борел е 72 годишен социјалист, шпански министер за надворешни работи во Владата на премиерот Педро Санчез.

Во шпанската политика е од доцните 1970-ти, а има искуство и надвор од неа.

Беше претседател на Европскиот парламент од 2004 до 2007 година.