Заедничкото научно истражување на Светската здравствена организација (СЗО) и Кина за потеклото на Ковид-19 утврдило дека е целосно неверојатно дека вирусот се појавил од лабораторија, туку дека најверојатно се пренесол од животни на луѓето.

Извештајот од експертите, кој е споделен со сите земји членки на СЗО, посочува дека најверојатното од четирите можни сценарија е дека коронавирусот се пренел преку лилјаците до луѓето преку друг вид на животно. Според научниците директното пренесување од лилјак на човек би можело да се случи, но таа опција ја нарекуваат малку веројатна, пренесе Асошиејтед Прес.

Според директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус, извештајот јавно ќе биде објавен во текот на денов.

Сите хипотези се отворени и заслужуваат комплетни и дополнителни истражувања, изјавил тој на вчерашната прес-конференција.

Документот не утврдува дали ширењето на вирусот започнал од пазарот за морска храна во кинескиот град Вухан, каде беше регистриран еден од најраните кластери на заразени лица во декември 2019 година.

Извештајот на СЗО за потеклото на вирусот беше очекуван со нетрпение за да даде одговори за превенирање на идни пандемии, но експертскиот тим се најде и под критики поради спорната методологија на нивното истражување, проблемите со кои се соочуваа во нивната работа, како и вмешаноста на Кина.

Имаме сериозни грижи околу методологијата и процесот преку кој е дојдено до извештајот, како и фактот дека владата во Пекинг очигледно помогнала во пишување на извештајот. Но, ајде да видиме што ќе покаже самиот документ“, изјави во неодамнешно интервју за Си-Ен-Ен американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.