Кога станува збор за светските лидери, луѓето во светот имаат најмногу доверба во германската канцеларка Ангела Меркел, покажува анкетата на Истражувачкиот центар „Пју“ со седиште во Вашингтон. Вкупно 26.112 испитаници од 25 држави учествувале во ова истражување на јавното мислење, а повеќе од половината од нив или 52 проценти, изразиле дека најмногу и веруваат на германската канцеларка.

Затоа, пак, речиси двојно помалку гласови од Меркел, доби американскиот претседател, Доналд Трамп, за кого само 27 од анкетираните сметаат дека работи добро.

Според довербата кај испитаниците, зад Меркел се наоѓа францускиот претседател Емануел Макрон со 46 проценти доверба. Во кинескиот лидер, Си Џинпинг, доверба имаат 34 проценти, а во рускиот претседател Владимир Путин, 30 проценти од испитаниците.