Бившиот германски министер за надворешни работи Клаус Кинкел почина на 82-годишна возраст. Тој беше еден од највлијателните министри во кабинетот на Хелмут Кол во периодот меѓу 1992 и 1998 година.

Од 1993 до 1995 година Кинкел раководеше со либералната партија на Слободни демократи. Беше познат по својот отворен стил на разговори, а на своите критичари им одговараше дека никогаш не криел оти е типичен Германец и работите ги именуваше со право име, дури и кога тие не беа пријатни.

Роден е во 1936 година во Метцинген. Завршува право и се вклучува во политиката. Во 1970 година министерот за внатрешни работи Ханс Дитрих Геншер во него гледа вистински политички талент и го зема под своја закрила. Како правник во министерството за внатрешни работи, Кинкел ќе биде тој што на канцеларот Вили Брант ќе треба да му соопшти дека разузнавањето има дебела фасцикла со најразлични сцени од неговиот интимен живот. Тоа ќе биде и една од причините Брант да поднесе оставка на функцијата.

По повлекувањето на Геншер од функцијата министер за надворешни работи во 1992 година, неговата функција ја наследува Кинкел и тоа токму во годините по падот на Берлинскиот ѕид.

Во неговото последно интервју тој ќе изјави:

Како министер за надворешми работи на  една голема и силна држава, човек се чувствува очајно колку малку може да стори за да ги смени неправдите во светот.