Добротворна организација, раководена од принцот Чарлс, добивала подароци од офшор компанија, што била користена за префрлање на огромни суми пари од Русија во рамки на шема, што е предмет на истрага, откриваат „Гардијан“ и Би-Би-Си. Пресметано е дека приближно 4,6 милијарди долари се испратени кон Европа и САД со помош на шема раководена од Руси преку 70 офшор компании со сметки во Литванија.

Деталите за шемата станале познати преку 1,3 милиони банкарски трансакции до кои пристап добиле конзорциум од истражувачки новинари и литванскиот сајт 15min.lt.

Не се тврди со сигурност дека крајните приматели знаеле кој е вистинскиот извор на парите, што пристигнувале по тајни патишта. Документите, меѓутоа, покажуваат дека најверојатно се измешани „валкани пари“ и законски трансакции, што ја прави невозможна истрагата за стигнување до вистинскиот извор на средствата, пред тие да стигнат до глобалниот банкарски систем. Парите потоа биле користени за плаќање на приватни авиони, јахти, луксузни имоти, одмори, фудбалски билети и школарини за најелитни англиски приватни училишта.

Во фокусот на истрагата е руската инвестициска банка „Тројка дијалог“, која од 2012 година е дел од „Сбербанк“. Од објавената коресподенција станува јасно менаџери од банката „Тројка дијалог“ нелегално префрлале средства во период од осум години, почнувајќи од 2004-тата. Шеф на банката во тоа време бил Рубен Варданјан, ерменски финансиер, кој е во блиски односи со Владимир Путин и пријател со видни личности и членови на британското кралско семејство.