Европската народна партија утре ќе разгледува дали партијата „Фидес“ ќе биде исклучена или суспендирана од главниот сојуз на партии на десниот центар во Европскиот парламент. На состанокот во Брисел ќе присуствува и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Од 49 полноправни членки на ЕПП, 13 се за исклучување на „Фидес“. Некои членови сметаат дека Орбан премногу се оддалечил од христијанските демократски вредности на сојузот.

Манфред Вебер, кандидатот на ЕПП за претседател на Европската комисија на изборите во мај, го повика Орбан да исполни одредени услови за да остане во сојузот, еден од нив е да стави крај на кампањите против ЕУ.

Унгарскиот премиер минатата недела испрати писмо до лидерите кои побараа исклучување на неговата партија. Во писмото, тој се извини за користењето навредлив јазик, но наведе дека нема промени во политичките ставови.

Портпарол на унгарската Влада изјави дека такви писма се испратени до сите 13 партии кои се приклучија кон предлогот.