Во време на максимално зголемени тензии меѓу Индија и Пакистан поради регионот Кашмир, индискиот министер за одбрана, Раџнат Синг, предупреди дека Индија не планира прва да употреби нуклеарно оружје, но дека нејзината идна политика ќе зависи од ситуацијата.

Според аналитичарите на политичките состојби во регионот, цитирани од британските медиуми, со оваа изјава Синг воведува ново ниво на нејасност во главната индиска доктрина за национална безбедност.

Индија во 1998 година се прогласи за нуклеарна сила, откако истата година спроведе подземни тестирања. Непосредно потоа и Пакистан го следеше нејзиниот чекор.

При посетата на Похран, место во западна Индија каде што се изведуваат нуклеарните тестирања, Синг му одаде почит на покојниот поранешен премиер и почитуван лидер на владеачките хиндуистички националисти, Атал Бихари Ваџпаи, затоа што Индија ја претвори во нуклеарна сила.

Похран е областа која е сведок на цврстата одлучност на Атал да ја претвори Индија во нуклеарна сила и, сепак, да остане цврсто посветена прва да не нанесува нуклеарен удар. Индија децидно се придржува кон оваа доктрина. Што ќе се случува во иднина ќе зависи од околностите“ – изјави министерот.