Три лица загинаа, а 79 се водат како исчезнати при уривање на станбена зграда во рускиот град Магнитогорск во Челјабинската Област, соопшти областниот заменик-гувернер Олег Климов.

Според руското Министерство за цивилна заштита, вонредни состојби и справување со последиците од елементарни непогоди, целосно се урнати или оштетени 48 станови во зградата, во кои живеат 1.100 луѓе.

Министерството соопшти дека трагедијата најверојатно настанала поради експлозија на системот за гас, додавајќи дека тоа е за сега е единствената верзија за причините за инцидентот што се истражува.

Властите информираа дека на местото на настанот се испратени 469 спасувачи, кои од под урнатините ги извадиле телата на тројцата загинати, како и уште четворица повредени, меѓу кои и едно дете.

Евакуирани се 60 лица, а судбината на останатите станари е неизвесна.

Во зградата, што се наоѓа во центарот на Магнитогорск, покрај станови за живеење, сместени се и канцеларии на неколку фирми и организации.

Поради инцидентот, во Магнитогорск, каде живеат над 415.000 лица, е прогласена вонредна состојба, а по наредба на рускиот претседател Владимир Путин во градот се очекува денеска да пристигне и министерката за здравство на Русија, Вероника Скворцова.

Министерството за цивилна заштита, вонредни состојби и справување со последиците од елементарни непогоди информира дека студеното време ја отежнува спасувачката операција.

Според метеоролозите, во Магнитогорск денеска тепретаурата е минус 17 Целзиусови степени, со ветер со брзина до два метри во секунда, но не се очекуваат снежни врнежи.