Француската полиција најави дека ќе преземе засилени безбедносни мерки на јавните места во текот на дочекот на Новата година, поради „зголемени закани од терористички напади” и можни нови протести на „жолтите елеци”.

Полициското присуство особено ќе биде присутно на Шанзелизе, каде ќе биде централната прослава, но на тој простор најавија дека ќе бидат и „жолтите елеци“. Зајакното обезбедување ќе има и во други градови, како во Ница и Нант.

Како што соопшти француското Министерство за внатрешни работи, зајакнато полициско обезбедување ќе има околу трговските центри, на јавните простори и во транспортната мрежа, поради што вечерва и во текот на ноќта ќе бидат ангажирани 148.000 полицајци и војници.

– Дочекот на Новата година се одржува во услови на висока терористичка закана и ненајавени протести на јавните места, се наведува во соопштението.

Некои припадници на движењето на „жолтите елеци” најавија протести за вечерва за време на новогодишното обраќање на францускиот претседател Емануел Макрон до нацијата.

Неколку стотици демонстранти се собраа во саботата на протести во Париз, кои минаа без нереди и судири со полицијата, како што беше случаи за време на претходните саботни протестни собири.