Преспанскиот договор се нашол на масата за разговори меѓу Владимир Путин, претседателот на Руската Федерација и неговиот гостин, грчкиот премиер, Алексис Ципрас.

На заедничката прес-конференција по разговорите во Кремљ, Ципрас, кој е во работна посета на Москва и која се гледа како чекор кон нормализирање на руско-грлкуите односи по дипломатскиот скандал летово кога Грција протера руски дипломати, рече дека меѓу повеќето прашање на Путин имал можност да му ги образложи позициите за Преспанскиот договор.

„Путин ми даде можност да ги објаснам позициите на грчката страна за името на нашиот северен сосед. Македонија е дел од историското и култно наследство исто така и за нас. Токму затоа јас мислам дека Преспанскиот договор го поставува прашањето на фер основа и ние работиме на прашањето на споровите кои би можеле да го дестабилизираат регионот“, рече Ципрас.

Инаку, ова е прва посета на Ципрас на Москва по три години и таа за Грција е многу по дипломатскиот скандал летово кога од Атина беа протерани тројца руски дипломати, на што реципрочно возврати Русија. Пред официјалните разговори Путин подвлече дека двете земји одбележуваат 190 години од договорот за пријателство. Притоа тој подвлече дека лани билатералната размена изнесувала 2.7 милијарди долари. Било разговарано и за транспорт на гас, односно за Јужниот тек, при што Путин подвлекол дека има руски компании кои сакаат да се појават на грчкиот пазар со многу производи и услуги.

Денес Ципрас се сретна и со Дмитриј Медведев, рускиот премиер, и на таа средба имаше насмевки, но останува да се слушнат повеќе информации што се разговарало зад затворени врати и дали се залечени „руските рани“ по дипломатскиот скандал летоска кој беше предизвикан заради Преспанскиот договор. Ако се суди според интервјуто на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров дадено за грчки медиум, во кое тој повторува дека зад уставните измени во Македонија стои уцена од САД и од ЕУ, тогаш може да се очекува дека за вистинско затоплување меѓу Москва и Атина ќе треба да се почека некое време, односно ќе се тестираат руско-грчките односи на новите предизвици.