Висок официјален претставник на Бразил соопшти дека неговата земја ја отфрлила помошта што ја понудија земјите од Г7 за борба против пожарите во Амазонија. Тој, притоа, го повика францускиот претседател Емануел Макрон да не го третира Бразил како негова колонија.

Се заблагодаруваме (на Г7 за понудената помош), но тие средства ќе бидат повеќе потребни за пошумување на Европа – напиша во блог на информативниот портал Г1 шефот на кабинетот на  бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, Оникс Лоренцони.

На тој начин, Лоренцони го поддржа бразилскиот претседател, Жаим Болсонаро, кој на се  огласи на твитер со сличен став.


Претходно, од Самитот Г7, Макрон порача дека земјите на Г7 ќе издвојат 20 милиони долари за борба против пожарите во Амазонија.

Макрон не успеа да избегне дури ни предвидлив пожар во црква која е дел од светското наследство, а сака да дели лекции на нашата земја – напиша Лоренцони, алудирајќи на пожарот во Нотр Дам во Париз на 15 април.

Тој додаде дека Макрон има „ногу работа дома и во француските колонии.

Бразил е демократска земја, слободна и никогаш немала колонијалистичко и империјалистичко однесување како што тоа можеби е и целта на Французинот Макрон – потенцира Лоренцони.

Претходно, бразилскиот министер за екологија Рикардо Салес оцени дека предложената помош би била добродојдена.

Меѓутоа, бразилскиот претседател Болсонаро подоцна се состана со неколку министри и ја смени реториката.

Никому не му е потребна нова иницијатива за Амазонија – изјави бразилскиот шеф на дипломатијата Ернесто Араухо, притоа укажувајќи дека веќе постојат механизми под покровителство на Конвенцијата на ОН за финансирање на борбата против уништување на шумите и пошумување.

Лидерите на Групата седум најразвиени земји во светот вчера се согласија веднаш да финансираат фонд од 20 милиони американски долари за да им помогнат на земјите од регионот на Амазонија во борбата со шумските пожари и да започнат долгорочна глобална иницијатива за заштита на прашумите.

Сателитите досега забележаа повеќе од 41.000 пожари во регионот на Амазонија оваа година, од кои повеќе од половина избувнаа овој месец. Експертите велат дека најголем дел од пожарите се предизвикани од земјоделците кои го расчистуваат земјоделското земјиште.