Институт за јавно здравје на Белгија информираше во вторникот дека стапките на коронаинфекциите, хоспитализациите и смртните исходи како последица од компликациите предизвикани од Covid-19 се во рапиден раст во споредба со претходната седмица, а престолнината Брисел е најмногу подогдена од епидемијата на коронавирусот.

Бројот на новозаразени од коронавирусот во периодот меѓу 3-ти и 9-ти октомври е зголемен за 79 отсто, во споредба со претходната седмица, соопшти Институтот. Главниот град Брисел бележи највисока стапка на новозаболени, но бројките се во пораст во целата држава.

Кога станува збор за хоспитализациите, каде бројките досега беа релативно стабилни, здравствените власти предупредуваат дека и тие бележат раст, со 123 нови пациенти примени во последните 24 часа. Минатата седмица овој показател изнесуваше 87. Бројот на новохоспитализирани лица бележи раст од 68 отсто.

Од вкупно 1.472 лица хоспитализирани поради инфекција со коронавирусот, 267 паоциенти се згрижени на одделите интензивна нега, а регистрирани се 20 нови смртни случаи во измината седмица.

Стапката на позитивност на тестовите достигна 11,1 отсто на национално ниво, во Брисел стапката е 18 отсто.

Од почетокот на епидемијата Белгија е меѓу најпогодените земји во Европа, со досега вкупно потврдени 165.880 зарази со коронавирусот од кои 5.327 во последното деноноќе, а од кои севкупно кои 10.211 имале летален исход, вклучително и 16 починати во последните 24 часа.