Консултантската куќа „Делоит“ го објави годишниот извештај за сметките на најголемите европски фудбалски клубови за сезоната 2017-2018. Овој извештај покажува дека актуелниот европски шампион, Реал Мадрид, имал најголема заработка минатата сезона, дури 750,9 милиони евра, со што стана првиот клуб што ја надминал границата од 700 милиони.

За „кралскиот клуб“, на второто место се наоѓа Барселона со 690,4 милион, а на третото Манчестер јунајтед со 666 милиони евра. Разликата од 60,5 милиони евра е најголемата разлика меѓу првопласираниот и второпласираниот клуб на листата забележана во историјата.

Најголемиот дел од приходите на Реал Мадрид, односно 47% (356,2 милиони) доаѓаат од комерцијалното искористување на брендот, потоа, 34% (251,3 милиони) се од телевизиски права и на крај, 19% (143,4 милиони) се заработка стекната на деновите на натпреварите (продажба на влезници и други услуги на стадионот).

Според консултантската куќа, клучни за одличниот финансиски резултат на Реал Мадрид се спортските успеси, како освојувањето на Лигата на шампионите и на Светското клупско првенство, кои на клубот му овозможиле зголемување за 18 отсто на комерцијалните приходи.

Извештајот на „Делоит“ покажува дека 20 најдобри клубови минатата сезона направиле обрт од 8,3 милијарди евра, што е за 400 милиони повеќе од година претходно, кога таа бројка изнесуваше 7,9 милијарди.