И покрај тоа што македонската репрезентација го освои првото место во групата Д од Лига на нации и се пласираше во плеј-оф фазата за пласман на Европското првенство, репрезентацијата остана на 68.место и на најновата ФИФА ранг листа.

Македонија со 1343 поени е на истата позиција како претходниот месец, веднаш зад селекцијата на Алжир.

На врвот на листата останува Белгија со 1727 поени, еден повеќе од второпласираната Франција, додека на третото место е Бразил со 1676 поени. Понатаму следат Хрватска, Англија, Португалија, Уругвај, Швајцарија, Шпанија и Данска во ТОП 10.

Македонија во оваа година тргна од 73-то место, а од мај успеа да напредува девет позиции од 77-то на 68-то место, каде не скокна, но не и падна веќе три месеци.

Македонската репрезентација на 2. декември ја очекува ждрепка за квалификациите за пласман на ЕП 2020.