Игор Ангеловски, селекторот на националниот тим на Македонија денеска на прес-конференција ги искажа своите очекувања за натпреварот со Грузија утре.

-Атмосферата во екипата е добра, иако не го остваривме планираното во Естонија. Ние во овој циклус главното го остваривме во баражот“, рече Ангеловски кој напомена дека Грузија е добро анализирана, но и дека националите се подготвуваат само за овој меч, не за тој поважниот. 

Ги анализиравме Грузија, се подготвуваме за следниот противник, за следниот натпревар, не за она што следува со нив после еден месец. Одиме на бодови, затоа што тоа ќе не остават на првото место, изјави Ангеловски. 

Тој реагираше на згуснатиот распоред, односно три натпревари за седум дена, и истакна дека и Италија и Шпанија реагирале на таквиот распоред.

-Прв пат играме во седум дена три меча. Првиот се знае колку беше важен. И кога една Италија и Шпанија упатија јавни критики за распоредот, тогаш што останува за нас помалите. И Грузија има проблеми со составот. Од она што го имаме, ќе го извадиме најдоброто на теренот. Сакаме да бидеме први, а истото веројатно ќе го стори и Грузија, вели Ангеловски. 

Ангеловски не сакаше да открие со која формација ќе игра, односно дали со тројка или со четворка позади.

-Околу формацијата, и двете тактики кои ги практикувам дале резултати. Знам дека сме покомпактни со тројка позади, но не можеме да откриеме како ќе играме утре,  рече тој.