Српскиот претседател, Александар Вучиќ, треба да отпатува за Њујорк каде што треба да присуствува на најавената седница на Советот за безбедност на Обединетите нации закажана на барање на Русија, по формирањето на војската на Косово.

Според руски дипломатски извори, Русија побарала седницата да биде од јавен тип, на што со  спротивставен став настапија западните држави, кои инсистираат на затворена седница на Советот за безбедност.

Откако косовскиот парламент ги донесе трите закони со кои се официјализира формирањето на косовската војска, загриженост поради можно заострување на состојбата на БАлканот и особено во односите меѓу Србија и Косово изрази и Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги повика „сите страни“ на воздржаност

Резолуцијата 1244 од 1999 година е единствената правна рамка за меѓународно безбедносно присуство на Косово, а силите на НАТО (КФОР) се одговорни за безбедноста на таа област, изјави Гутереш, додавајќи дека секое ограничување на одговорноста на КФОР во вршење на безбедносната должност не би било во согласност со резолуцијата.

Од друга страна, дипломатска активност ќе има и косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, кој во Брисел треба да се сретне со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини.

Според косовските медиуми, средбата на поширока косовска владина делегација ќе се одржи во рамките на процесот на спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Косово и ЕУ, но се очекува дел од главните прашања да бидат создавањето на војската на Косово и таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина. Тоа се две одлуки на Владата на Харадинај на кои Могерини остро се спротивстави и јавно ги критикуваше како контрапродуктивни за дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Од своја страна, косовскиот премиер ја обвинува првата дипломатка на ЕУ дека го задушува преговарачкиот процес, со нејзините „неприфатливи изјави за корекцијата на границите“.

Мислам дека Могерини го задуши и го поремети дијалогот. Од дијалог за нормализација го претвори во дијалог за територии и граници, за размена, што на Балканот подразбира дестабилизација. Таа реално му предизвика штети на нашиот регион – и со тоа што ја дозволува дискусијата, и со тоа што јавно се изјаснува за тоа. Жално е по една толку голема инвестиција на ЕУ да се дозволи едно вакво пореметување – изјави Храдинај минатиот вторник.