Амбасадата на Република Турција во Приштина ја поддржа трансформацијата на Безбедносните сили (ФСК) во Војска на Косово, порачувајќи дека тоа претставува суверено право на косовската држава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Официјална Анкара, како што се наведува во синоќешното соопштение, очекува дека трансформацијата ќе се одвива демократски, согласно Уставот и во координација со НАТО и дека идната војска ќе биде во служба на мирот во регионот.

Турција, како балканска земја и членка на НАТО која придонесува во КФОР и ФСК, земајќи ги предвид законите усвоени од Парламентот на Косово на 14 декември за трансформација на ФСК во Војска како суверено право, исто така ги смета за соодветни изјавите на косовските авторитети дека процесот на трансформацијата, кој ќе трае со години, ќе се одвива на демократски начин и ќе ги опфати сите заедници во Косово во рамките на Уставот, во координација со НАТО и на начин што ќе придонесе за зачувување на мирот и стабилноста во регионот, се вели во соопштението.

Амбасадата на Труција во Приштина нагласува дека Анкара, „согласно значењето што го дава на мирот и стабилноста во регионот, ќе продолжи со поддршката за продолжување на дијалогот меѓу Приштина и Белград“.

Медиумите во Приштина нагласуваат дека ова е „уште една голема воена сила“, по САД, Велика Британија, Германија и Франција, која експлицитно го поддржа формирањето на Војската на Косово.