Остануваат уште три месеци до истекот на рокот за легализација на нелегалното оружје, а заменикот на министерот за внатрешни работи на Косово, Изми Зека, изјави дека огромниот број илегално оружје е последица на недовербата во институциите и затегнатите односи со Србија.

Сите граѓани кои поседуваат нелегално оружје имаат прилика до јуни годинава да поднесат барање за негова легализација.

Зека кажа дека податокот за постоење на околу 200.000 парчиња нелегално оружје во сопственост на граѓаните претставува закана, пред сè, по нивната безбедност.

Во моментов повеќе од 500 барања за легализирање на оружје се испратени до полицијата, а се проценува дека до крајот на кампањата ќе бидат легализирани околу 1.300 до 1.400 парчиња оружје, додаде Зека кој рече дека би сакал на Косово да нема илегално оружје.

Тој смета дека причината за постоење на толку голема бројка на нелегално оружје во рацете на граѓаните е недостатокот на кредибилитет кон приштинските институции и постојаните, како што вели, напнати односи меѓу Белград и Приштина.

Инаку, граѓаните кои поседуваат илегално оружје може да бидат казнети со парична казна од 7.500 евра или затворска казна во траење до пет години.