Поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, откако вчера е осуден на доживотен затвор, својот живот ќе го заврши во еден од затворите од 14 земји на Европа.

Имено, со толку од нив, трибуналот во Хаг наследи потпишани договори за прием на лица кои се правосилно осудени.

Италија беше прва држава која му ги понуди своите затвори за сместување осуденици на трибуналот за воени злосторства сторени на територија на поранешна Југославија. Во нејзините затвори се наоѓаат петмина злосторници.

Во финските затвори казната ја отслужуваат седуммина, додека во Германија, Норвешка и во Австрија има по шест. Во Шпанија се сместени петмина осуденици, а во соседната Португалија само еден. Франција, Холандија и Шведска во своите затвори во своите затвори сместија по четворица воени злосторници, додека Естонија и Велика Британија имаат по тројца.

Двајца од осудените воени злосторници своите казни ги отслужуваат во Полска.

Најпознатата осуденичка која својата казна за воени злосторства ја одлежа во Шведска е некогашната претседателка на ентитетот Република Српска,  Билјана Плавшиќ.

Портпаролката на Механизмот за меѓународни кривични судови ја појаснува процедурата

Портпаролката на Механизмот за меѓународни кривични судови Хелена Еглстон за N1 телевизија објаснува како ќе биде одредена локацијата каде Радован Караџиќ ќе треба да ја служи доживотната казна која беше потврдена вчера.

Таа вели дека земјите мора да потпишат договор со Обединетите Нации, па потоа секретарот на судот ги контактира со земјите дали тие се подготвени и имаат услови за таква казна затвор.

Еглстон вели дека за ваков вид на казна постои посебна процедура која најверојатно ќе потрае.

Постои ли опцијата за привремено пуштање на слобода

Хелена Еглстон вели дека постои можност за привремено пуштање на слобода на Радован Караџиќ.

Ова значи дека лицето осудено на доживотен затвор мора да служи најмалку две третини од 45 или повеќе од 30 години, со цел да ги исполни условите за разгледување на пријавата за предвремено ослободување, рече Еглстон.

Потребни се нови докази за да се разгледа пресудата

Еглстон додава дека е и можна ревизија на казната за Караџиќ, доколку тоа го побара неговата страна.