Земјотресот во Атина од 5,1 степени, како и околу педесетте последователни помали потреси беа повод Атињани повторно да се запрашаат – колку згради претставуваат опасност, односно при иден потрес можат да се урнат. Тие коишто секојдневно пешачат низ улиците на грчката престолнина веќе знаат дека има повеќе од илјада објекти на кои им „отчукува часовникот’

При завчерашниот земјотрес беа оштетени повеќе згради, а еден од тие објекти е старото пристаниште во Пиреја.

„То вима“ објави дека десетици згради кои се клатат на слаби темели има на главните улици на Атина како Омонја, Атена, Ерму како и околу Монастираки или Псири. Станува збор за неокласични згради кои претставуваат вистинска закана за животот на граѓаните.

Старото пристаниште во Пиреја не го издржа потресот од 5,1 степени

Официјално се зборува дека од околу 1.400 напуштени згради, 200 биле назначени од страна на Министерството за животна средина како зачувани, додека двапати повеќе, или скоро 400, се оние кои Министерството за култура ги определи за одржливи.

Говорејќи за ЕРТ во февруари, пишува „То вима“, тогашниот државен секретар за животна средина и енергетика, Јанис Димарас, рече дека „во Атина има 1.800 згради кои се во опасност да се урнат“.