Бугарија ја тресе голем скандал откако Министерството за здравство на Бугарија откри дека во мандатот на поранешната влада на Бојко Борисов државната болница вршела трансплантации на органи од сиромашни живи донатори за богати клиенти што функционирале под лажен идентитет, за што министерството ги има „сите причини да верува дека не се роднини, како што налага законот“.

Висок владин службеник, наводно, на овој начин добил трансплантација на црн дроб и успеал да скокне на врвот на листата на чекање.

Во последните две години во државната болница биле извршени 14 трансплантации на бубрези од живи донатори и во документите се вели дека сите донатори на бубрези се сиромашни „внуци“ од Украина и Молдавија, а примателите се богати „чичковци“ од земји како Израел, Јапонија, Оман, рече министерот за здравство Стојчо Кацаров, пренесе Еурактив.

Утврдено е дека многу од богатите „чичковци“ што ги примиле бубрезите користеле лажен идентитет.