Сличо како и други држави, Бугарија ризикува да фрли стотици илјади дози од вакцината „АстраЗенека“, поради истекување на рокот на важост, пишува порталот Сега.бг.

-Во јули и август истекува шестмесечниот рок за вкупно 400.000 дози, соопшти директорот на Агенцијата за лекови, Богдан Кирилов.

За да не дојде до големи загуби, државата бара начини за пласман на тие дози преку подарување или препродажба. Проблемот веројатно ќе се продлабочи во текот на наредниот период, имајќи ги предвид темпото на пристигнување на нови вакцини и стравувањето кај граѓаните од таа вакцина.

Во јули истекува рокот на 40.000 дози, но Кирилов не е многу загрижен, зашто втората доза „АстраЗенека“ ја чекаат 80.000 луѓе. Меѓутоа, во август истекува рокот на други 320.000 дози.

Бугарија води преговори за подарување или евентуална препродажба на 150.000 вакцини. Моментно се договара подарување на С.Македонија и други држави од регионот како Косово, Албанија, БиХ. Меѓутоа, според општата регилатива на ЕУ препродажба е дозволена само во рамките на ЕУ, а доколку се изнесуваат надвор од неа, треба да бидат подарени.