Того е 15. држава што го повлекла признавањето на Косово, соопшти министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ. Во гостување на телевизијата „Пинк“, Дачиќ појасни дека одлуката била донесена на 28 јуни и дека Того е мистериозната земја за чија одлука најави Дачиќ пред десетина денови.

Тогаш, Дачиќ, гостувајќи во утринскиот дневник на РТС изјави дека одлуката не била соопштена веднаш за да не се протлкува како инатење на петте најмоќни западни држави коишто барале да престаната српските дипломатски активности да ги убедуваат земјите во светот да го повлечат признавањето на независно Косово. Во таа пригода, Дачиќ додаде дека таа земја веќе ја известила Приштина за одлуката и дека Србија нема да престане со својата дипломатска кампања.

Соопштувајќи го името на Того, Дачиќ појасни дека целта на Србија е да постигне бројката на земји што го признаваат Косово да падне под половина од членките на ОН, односно под 97 земји.

Со тоа го добиваме тоа што тие нема да можат да прават што сакаат, ќе мора да одат на договор, а не да сметаат дека таа работа е готова. Се покажува дека ништо не е готово – изјави Дачиќ.

Како што изјави Дачиќ, Косово нема да може да стане членка на ОН затоа што Русија ќе стави вето во Советот за безбедност, но доколку Русија не стави вето, Дачиќ појасни оти Србија мора да го има мнозинството членки на ОН на нејзина страна.