Хрватскиот град Риека објави ново наддавање за обнова на бродот Галеб, кој своевремено бил пловечка резиденција на Јосип Броз Тито. Проценетата вредност за обновата на Галеб во новото наддавање изнесува безмалку 4,5 милиони евра без ДДВ.

На првото наддавање, проценетата вредност била 3,6 милиони евра, но тогаш пристигнала само една понуда која повеќекратно го надминала тој износ. Бродоградилиштето „Виктор Ленац“ понудило дека бродот ќе го обнови за 8 милиони евра, заради што властите во Риека го поништиле наддавањето.

Од градот Риека објаснуваат дека обновата на бродот ќе чини 4,7 милиони евра и дека ќе се одвива во две фази. Во првата се предвидува обнова и пренамена на Галеб во брод-музеј со пропратни комерцијални содржии, а втората фаза ја сочинуваат реставраторските работи за уредување на ентериерот. Обновата ќе трае 14 месеци.

Галеб има исклучителна историска важност бидејќи на неговата палуба започнато е „Движењето на неврзаните“

Бродот Галеб долг е 117 метри, а изграден е во 1936 година во Џенова за потребите на италијанската компанија „Реџиа Азиенда Монополи Банане“, која се занимавала со трговија со јужно овошје. Тогаш го носел името „РАМБ III“.

За време на втората светска војна бил користен во воени цели, односно, ги следел крстосувачките бродови и превезувал месо за италијанската војска во Либија. Во либиското пристаниште Бенгази, во 1941 бил погоден од торпедо од страна на британска подморница по што бил одвлечкан до бродоградилиште во Трст.

По капитулацијата на Италија го преземале Германци. Бил преуреден во поставувач на мини, а му дале име „Киебитз“. За време на 1944 година поставил повеќе од 5000 мини во Кварнерскиот залив во северниот дел на Јадранското море.

Тито и неговата пудлица со екипажот на палубата на бродот Галеб, 1975

Како што се наведува на страниците на Градот Риека, бродот во 1944 година на пристаништето во Риека бил потопен од сојузничкото воено воздухоплоство. Од морето бил извлечен во 1948 година, а потоа обновен во бродоградилиштето во Пула, опремен многу луксузно и модерно и предаден е на Југословенската воена морнарица како школски брод под име „Галеб“.

Тито со Галеб тргнал на прва посета на Велика Британија, а поранешниот југословенски претседател со овој брод патувал 14 пати, посетувајќи 18 земји на три континенти – Европа, Азија и Африка.

Титовата пловна резиденција своевремено ги угостила и англискиот премиер Винстон Черчил, етиопскиот цар Селасиј, грчкиот крал Павле, мароканскиот крал, Хасан Втори, како и глумиците Софија Лорен и Елизабет Тејлор…