Јасна перспектива за членството на Србија во Европската Унија, инвестиции во енергетскиот сектор и ослободување од зависноста од Русија во таа област, доаѓање на американски и европски компании се дел од она што Србија би можела да го очекува ако се согласи со предлогот на Западот за решавање на косовското прашање, пишува денеска истражувачко-издавачкиот центар Демостат.
Повикувајќи се на свои дипломатски извори, Демостат додава дека се точни изјавите за можни последици за Србија доколку не го прифати договорот, кои вклучуваат прекин на европската интеграција, запирање и повлекување на инвестициите, враќање на визите, додека аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд би бил под знак прашалник, пренесува Бета.
Според Демостат, претставниците на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија на средбата во Белград му рекле на српскиот претседател Александар Вучиќ дека, доколку Србија го прифати европскиот план, може да влезе во ЕУ до 2030 година.
Во меѓувреме, според изворите на овој центар, Србија чекор по чекор би била вклучена во другите европски структури, како што е заедничкиот европски пазар, што подразбира слободен проток на стоки, луѓе, капитал и услуги.
Доколку Белград го отфрли западниот план за Косово и покаже дека не е конструктивен во дијалогот со Приштина, ќе дојде до суспензија и повлекување на европските и американските инвестиции.
„Имено, веќе има компании кои до понатамошно известување ги прекинаа плановите за инвестиции во Србија, пред се поради неусогласеноста на надворешната и безбедносната политика, што повлекува зголемен ризик за водење бизнис во нашата земја. Одбивање на преговори за план за решавање косовското прашање за бизнис заедницата која планира да работи или веќе работи во Србија би било дополнителен црвен аларм“, пишува Демостат.
Не е автентичен француско-германскиот план кој минатата недела се појави во медиумите, ниту конечниот договор што ќе се најде на преговарачка маса, пишува Демостат.
Во договорот ќе има клаузула дека ниту една страна нема да ги блокира или охрабрува другите да го блокираат напредокот на другата страна на нејзиниот пат кон ЕУ и дека во договорот нема да се споменува признавање на Косово или членство во ОН.
Comments are closed for this post.