Секој трет пензионер во Бугарија живее на работ на сиромаштија. Ова го покажуваат податоците на европската статистичка организација Еуростат за 2017 година. Според овој показател, државата се наоѓа на четвртото место во ЕУ. Трите прибалтички држави се пред Бугарија, пишува софиски „Дневник“.

Вкупно 32,4% од пензионерите во државата, меѓу нив и оние со инвалидска пензија, живеат на работ на сиромаштија. Тоа претставува највисок процент во последните осум години, покажува истражувањето.

Естонија е лидер според овој показател со 46,1%. Латвија и Литванија се на втората и третата позиција со 43,7 и 36,7 отсто. Најмал ризик од сиромаштија имаат француските пензионери со 7%.

Од Еуростат објаснуваат дека изложени на ризик од сиромаштија се луѓето, кои по исплатата на комуналните давачки, располагаат со помалку средства од 60% од просечниот доход во државата.