Киријакос Мицотакис, лидерот на најголемата опозициска партија Нова демократија (НД) денес во дебата во парламентот жестоко ги нападна премиерот Алексис Ципрас и доскорешниот министер за одбрана, Панос Каменос подвлекувајќи дека гласањето за доверба на владата е „мизерен театар“.

„Последниот чин од тој мизерен театар е денешната дебата за доверба“, рече Мицотакис.

Тој рече дека со тој театар, се сака да се постигнат три главни цели: прво, Сириза останува уште неколку месеци на власт, второ, да се ратификува штетниот договор од Преспа, и трто, АНЕЛ да остане парламентарна група, а лидерството да ги зачува привилегиите.

За лидерот на НД е скандалозно и назначувањето на новиот министер за одбрана кој е активен офицер и тоа е за прв пат од времето на воената хунта.

Мицотакис директно му се обрати и на Каменос, за кого рече дека „денес не е ни во Собранието“, и оти ако сакал да го урне Преспанскиот договор тоа можел да го стори во јули кога се гласаше за доверба на владата. Во врска со Преспанскиот договор тој рече:

„Го давате македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Дали тие беа прашања на националните линии? А, што се однесува до Каменос, тој во јули ја поддржа владата и денес е копотписник на Преспанскиот договор“.

Тој притоа рече дека секој кој ќе гласа за тој договор всушност гласа за национален пораз и тоа го прави бе мандат од народот.