Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ) и белградскиот Институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ потпишаа договор за производство на руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“ во Србија, што може да биде покрената до мај оваа година, соопштија од РФПИ.

Прецизирано е дека производството на вакцината „Спутник V“ во Институтот „Торлак“ се очекува да почне до мај годинава.

Србија е меѓу првите земји во светот што одобри и започна да ја користи руската вакцина за имунизација на населението против коронавирусот. Производството на „Спутник V “ во институтот „Торлак“ ќе ја поедностави логистиката и ќе овозможи да се забрза реализацијата на програмата за вакцинација во Србија, изјави шефот на рускиот фонд Кирил Дмитријев.

Србија со ова ќе стане прва земја во Југоисточна Европа што ќе ја произведува вакцината „Спутник V“. Вакцината подоцна ќе може да се извезува во други земји во регионот, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на „Спутник V“.

Првите дози на руската вакцина беа доставена во Србија на 30 декември минатата година, а имунизацијата со неа во Србија почна на 6 јануари 2021 година.

Вакцината „Спутник V“ е регистрирана во 56 земји од светот со вкупно население од над 1,5 милијарда лица. Ефикасноста на вакцината е 91,6 отсто, што е потврдено со објавувањето на податоци во медицинското списание „Лансет“.