Под драконски безбедносни мерки, под здравствени протоколи, без публика поради пандемијата и карантинот, со ограничен број претставници на медиумите, со високи гости, денеска во Атина ќе се одржи воената парада по повод 200 години од востанието за независност на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

На дводневните свечености по повод јубилејот присуствуваат претседателот на Кипар Никос Анастасиадис, принцот Чарлс и војвотката Камила, премиерот на Русија Михаил Мишустин и министерката за одбрана на Франција Флоренс Парли.

На парадата ќе и претходат свеченост на Акропол со на грчкото знаме, свечена литургија во атински храм, како и положување цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент.

За време на парадата, се очекува заедно со грчките авиони, да летаат и американски Ф-16 и француски Рафал.

Високите гостите веќе се во Атина, синоќа присуствуваа на вечера во нивна чест во претседателската палата, а претходно ја посетија реновираната Национална галерија, што свечено беше отворена.

Свечената вечера организирана од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу се одржа под строги протоколи и со растојание меѓу поканетите, околу 40 лица.

Сакеларопулу во поздравниот говор рече дека „придонесот на големите сили од тоа време, Франција, Англија и Русија, во борбата беше голем“ и истакна дека „наследството од 1821 година не е само грчко, туку напротив, носи универзалност и универзалност на идеите и вредностите на своето време“.

Принцот Чарлс, кипарскиот претседател, рускиот премиер и француската министерка за одбрана, во нивните поздравни обраќања пред свечената вечера се задржаа на врските што нивните земји ги имаат и ги одржуваат со Грција.

На свечената вечера и претходеше посета на реновираната Национална галерија, додека пак во текот на вчерашниот ден, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се сретна со претседателот на Кипар Никос Анастасиадис и со премиерот на Русија Михаил Мишустин.

Денеска, кусо по завршувањето на парадата ќе оствари средба и со принцот Чарлс.

На плоштадот Синтагма, пак, вчера интензивно се работеше на подготовките за денешната парада, со поставување на специјалната ложа за претставниците на државниот врв и гостите пред грчкиот Парламент, но и 200 грчки знамиња.

За безбедноста во Атина пред и за време на парадата ангажирани ќе бидат околу 4.000 полицајци, центарот ќе биде целосно затворен и за сообраќај и за граѓани, затворени ќе бидат и повеќе метро станици, а на објектите околу Парламентот, според грчките медиуми, ќе бидат поставени снајперисти.

Поради рестриктивните мерки, традиционалната воена парада ќе ја следат само мал број претставници на медиумите, за кои потребна е специјална акредитација, присуството на новинарите беше одредено со ждрепка, а меѓу избраните новинари е и дописничката на МИА од Атина.