Европската Комисија денеска одобри дополнителни 500 илјади евра помош за најранливите бегалци и мигранти во Босна и Херцеговина.

Сараево веќе доби два милиони евра хуманитарна помош во текот на 2018 година за истата цел.

Бегалците и мигрантите продолжуваат да пристигнуваат во Босна и Херцеговина и ЕУ останува посветена да дава хуманитарна помош на оние на кои им е потребно, поддржувајќи ги напорите на националните и локалните власти, изјави еврокомесарот за хуманитарна помош, Христос Стилијанидес.
Оваа помош е наменета за храна, вода и други здравствени и санитарни потреби.

Оваа година Босна и Херцеговина се најде на патот на мигрантската рута и во 2018 година 22 илјади мигранти и бегалци пристигнале во оваа земја. Од нив четири илјади имаат потреба од хуманитарна помош, соопшти ЕК.

Од почетокот на мигрантската криза во 2015 година, Европската Комисија доделила 31 милион евра хуманитарна помош за западнобалканскиот регион.