Во товарен брод што од Либан пристигнал на пристаништето Пиерас во Атина, а пријавил дека пренесува индустриски машини за правење колачи (cupcakes), биле откриени четири тони и 387 грама преработен канабис, наменети за Словачка, што требало по железнички пат преку Северна Македонија, Србија и Унгарија да стигне до Братислава, а процените се дека дрогата е во вредност од околу 33 милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Од секторот за борба со економски криминал на Министерството за финансии на Грција соопштуваат дека добиле информација од канцеларијата на Службата за борба со дрога на САД (ДЕА) во американската амбасада во Атина дека се очекува голема количина дрога да стигне во Грција по морски пат.
По спроведената истрага и детална проверка на информациите и податоците, била откриена дрогата во товарниот брод што на 14 април стигнал во Атина, а шест дена подоцна, на 20 април со воз, пратката требала да тргне кон Словачка.
Во бродот, меѓу машините постоел скриен простор за складирање, до кој надлежните стигнале откако со дупчење бил отворен метален дел за влез и во внатрешноста во 129 најлонски вреќи и 282 други пакувања бил откриен канабисот.
На ниво на размена на информации, на истрагата, според Министерството за финансии на Грција, освен канцеларијата на ДЕА во Атина ѝ помогнала и Дирекцијата за борба со дрога на Саудиска Арабија.
Истрагата во Атина ја воделе надлежните сектори од грчката полиција, од крајбрежната служба и од царината на пристаништето Пиреас.
Comments are closed for this post.