Новата бугарска Влада, чиј премиер ќе биде Кирил Петков, ќе усогласи заеднички став со коалициските партнери, но прецизира дека од добрососедството многу корист ќе имаат и Република Бугарија и Република Македонија, јави дописникот на МИА од Софија.

Според Петков, тоа може и треба да се направи врз основа на заедничко почитување и доверба.

Тоа треба да се направи преку добра комуникација со коалициските партнери – прецизираше Петков и дополни „со многу работа“.

Петков кажа и дека бугарската позиција останува таква каква што е сега, но мора да биде наградена.

Не сакаме, рече Петков, да продолжиме само со пароли од двете страни на границата, туку мора да седнеме и да работиме со тимови на различни теми за да се увериме дека преку заедничка работа и комуникација се движиме кон добрососедство. Но, заедно со тоа, идниот бугарски премиер порача дека ќе се бранат бугарските национални интереси.

Во зградата на Народното собрание на Бугарија, идниот премиер предмалку, пред медиумите, го претстави составот на новата бугарска Влада, која ќе биде коалициска и ќе вклучува четири партии и коалиции. Ќе има пет вицепремиери и 17 министри.

Министер за надворешни работи ќе биде Теодора Ганчевска, која е од партијата на Слави Трифонов. Таа во претходните две недоговорени влади на „Има таков народ“, по изборите на 11 јули, беше предложена за министер за одбрана. Досега работеше во администрацијата на бугарскиот претседател како советник.