Нацрт-законот според кој се ратификува и стапува на сила Договорот од Преспа денеска беше доставен до грчкиот Парламент, јавуваат грчките медиуми. Веќе во понеделник тој ќе се најде пред Комисијата за национална одбрана и надворешни работи, а се очекува истиот да се изгласа до петок.
Доставениот нацрт законот од Министерството за надворешни работи на Грција е под наслов „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите кои што се објаснети во одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните”, а содржи 3 члена.
Првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на подигањето на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува на сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.
Нацрт законот со датум 18 јануари 2019 е потпишан од грчкиот премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата влада.
В понеделник напладне, претседателот на Парламентот, Никос Вуцис ќе одржи состанок со неговите потпретседатели за да се одреди парламентарната процедура.
Comments are closed for this post.